Недим Бајрами од Емполи би можел да игра за Македонија!?

Недим Бајрами, еден од најдобрите фудбалери на членот на Серија А во Италија, Емполи, би можел во иднина да го облече дресот на македонската репрезентација.

22-годишниот Бајрами, кој игра како офанзивен фудбалер за врска, е роден во Тетово од каде како дете со своите родители се сели во Швајцарија. Фудбалски потекнува од младинската школа на Грасхоперс во кој клуб минува и две одлични сезони во првиот тим во периодот од 2017 до 2019 година. Од 2019 година реализира трансфер во Емполи каде за две сезони одигра 64 официјални натпревари со десет постигнати погодоци.

Бајрами ги минува сите младински репрезентации на Швајцарија, но минатата година се одлучува да го промени дресот по повикот за настап за селекцијата на Албанија. Сепак, не добива право за промена на фудбалскиот пасош од ФИФА поради тоа што не е роден во Албанија а нема ниту пет години постојан престој. Согласно пропозициите на ФИФА, Бајрами при промена на националниот дрес и откажување од настап за швајцарската репрезентација би можел единствено да игра за Македонија, земјата во која е роден и од каде потекнува.

Од ФФМ веќе се запознаени со целокупниот случај на Недим Бајрами, при што стартувани се контакти за иден настап за македонската репрезентација. Јасно е дека се ќе зависи од фудбалерот чии фудбалски квалитети се повеќе од неспорни. Јасно е и дека Македонија би добила неспорен квалитет во репрезентацијата кој потекнува од швајцарската фудбалска школа од која е и Езгијан Алиоски.

За наредниот период најавена е и можна средба на ФФМ со 22-годишниот тетовчанец околу можноста наскоро да настапува заедно во репрезентацијата со Елмас, Ристовски, Барди, Адеми, Алиоски, Димитриевски, Муслиу, Чурлинов…

Се вчитува...