Првиот натпревар во 13. коло донесе возбудлив натпревар во Аеродром каде Куманово успеа да слави над МЗТ 2 со минимални 67-68 во неизвесна завршница. Избраниците на Даскаловски имаат за што да жалат, бидејќи големиот број на промашени слободни фрлања (12/23), меѓу кои и две во последните напади на средбата, беа кобни по најмладиот состав во лигата.
Натпреварот започна со високо темпо на двете страни од теренот во кое се играше „кош за кош“, а по 10. минути игра Куманово беше оној кој имаше блага предност (20-22). Добрата игра од првата четвртина гостите ја пренесоа и до крајот на полувремето, а благодарение на расположените Ливингстон и Глигоријевиќ, избраниците на Ѓорѓиевски до „големиот одмор“ ја зголемија предноста на 36-43.
Високото темпо опадна кај двата „сино-бели“ состави на почетокот на второто полувреме, а избраниците на Даскаловски од минута во минута ја „топеа“ предноста на гостите преку добрата тимска игра, за по 30. минути игра на семафорот да стои предност од само еден напад за Куманово (50-53). Гостите ја зацврстија одбраната во последните десет минути па брзо го исполнија бонусот, меѓутоа го нарушија и напаѓачкиот ритам на „шткчињата“. Џекиќ и Линвгстон одговорија со добра игра во нападот и ја вратија „комотната“ предност, но на спротивната страна одговорија и „штркчињата“ кои преку добрата игра под противничкиот обрач стигнаа до водство од 63-62 на 70 секунди пред крајот. Клучниот момент од натпревар се случи веќе во следниот напад кога Робев под прекршок, погоди шут за три поени, а на спротивната страна прво Савичевиќ, а потоа и Митевски беа половични во своите обиди од линијата за слободни фрлања.
Лука Савичевиќ беше првото име во домашниот тим со 14 поени и 4 асистенции, 13 поени и 3 скока додаде Максим Митевски, додека како двоцифрени со по 10 поени и 9 скока, односно 6 скока, средбата ја завршија и Андоновски и Тодоровски. Предводник на Куманово со 18 поени и 7 скока беше Бранислав Џекиќ, Отис Ливингстон додаде 15 поени и 7 асистенции, додека како двоцифрени со 13 поени, односно 10 поени и 7 скока средбата ја завршија и Робев и Глигоријевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА