Некои нови деца во кошарката – Македонија е во полуфинале на ЕП

Македонија се пласираше во полуфиналето од ЕП за кошаркари до 16 години – Б дивизија во Сараево, откако по голема битка вечерва славеше над селекцијата на Романија со 74-71. Триумфот е изразен само со три поени разлика, но е апсолутно заслужен ако се знае дека Македонија водеше речиси цел натпревар, по почените 0-2 и 2-3, на моменти и со двоцифрена позитива, за на крајот во драматична завршница да стигне до полуфиналето. Противник на „црвено-жолтите“ утре ќе биде домаќинот БиХ, еден од главните фаворити за златото на овој шампионат.

„Црвено-жолтите“ феноменално го стартуваа натпреварот, играјќи извонредно во нападот и веќе во 7. минута стигнувајќи до 14 поени разлика (21-7). Во финишот од четвртината падна концентрацијата во одбраната, па Романците набрзина се приближија само на „минус пет“ (23-18). Македонија продолжи да ја контролира и играта и резултатот и во втората четвртина, во која Романците за момент дојдоа на два поени разлика, но следеа две тројки на нашите репрезентативци, ново „одлепување“, па на одмор се замина со резултат 42-33.

Јасно беше дека во таков ритам нема да може да се одигра во нападот цел меч, но затоа во второто полувреме Македонија заигра поцврсто во одбраната. Паузата од три минути без поени на Романија овозможи да дојдеме до „плус осум“ на помалку од три минути до крајот, а со тројката на Миловановиќ Македонија поведе со 70-63 на 1:12 до крајот. Се чинеше дека се е готово, но Романците стигнаа до 72-71 на 25 секунди до крајот. Противниците се обидоа со агресивна одбрана да изнудат грешка, но нашите кадети добро се снајдоа, па дури на пет секунди пред крајот беше направен фаул над Миловановиќ, по што македонскиот репрезентативец ги погоди двете слободни фрлања. Противниците ја загубија топката во последниот напад, па Македонија заслужено стигна до место во полуфиналето, каде утре ќе се сретне со домаќинот БиХ.

Миловановиќ повторно беше клучна фигура со 21 поен, 12 скокови и пет асистенции, Мирковски оствари дабл-дабл од 17 поени и 11 скокови, а Андоноски го заврши мечот со 16 поени.

Се вчитува...