Нема службена победа: Ракометарите на Фарските Острови вечерва ќе слетаат во Скопје

Натпреварот меѓу Македонија и Фарските Острови од баражот за ракометниот мундијал во 2025 година ќе биде одигран утре откако гостинската селекција најде начин конечно да стигне во Скопје.

Неочекуваните климатски проблеми во Фарските Острови придонесоа ракометарите на оваа селекција да останат заглавени на аеродром повеќе од 24 часа. Постоеше сериозна опасност Фараните да останат без мундијалски билет откако ЕХФ објави дека терминот нема да се менува и нивно непристигнување во Скопје ќе значеше службена победа за Македонија и наш пласман на СП 2025.

Сепак, последните информации од оваа далечна држава говорат дека проблемите се конечно надминати и ракометарите вечерва ќе пристигнат во Македонија. Имено, попладнево конечно пристигнал првиот авион, кој слетал од норвешки Ставангер, со што е дадено зелено светло за целосно враќање во нормала на авио-сообраќајот на аеродромот во Торшавн.

Бидејќи билетите од првично организираниот пат до Скопје се пропаднати, веќе е најден „план Б“, ракометната селекција ќе патува до дански Билунд, од каде веќе има резервирано лет за доцна вечерва да допатува во Скопје.

Останува да се види колку ова мачење ќе влијае врз настапот на ракометарите на реваншот во СЦ „Борис Трајковски“, каде оваа селекција ќе брани предност од седум гола од првиот дуел со Македонија.

Се вчитува...