Немоќна против повредите: Линдзи Вон оди во пензија!

Линдзи Вон долго време важеше за најдобра скијачка, но малерите со повредите што ја следат Американката во последните години целосно ја исфрлија од натпреварувачки ритам. Во ситуација кога е свесна дека не може да атакува на победи на трките од Светскиот Куп, Вон денеска објави дека е подготвена да му каже збогум на скијањето, а последните трки ќе ги вози на претстојното Светско Првенство што ќе се одржи во Аре, Шведска.

„Последните две седмици беа емоционално најпредизвикувачки во мојот живот. Се мачам со реалноста дека моето тело ми кажува како не можам да го остварам она што го сакам со својот ум и со своето срце, она за што знам дека сум способна. Тоа е тажната реалност, па по бројни непроспиени ноќи увидов дека не можам да продолжам со скијање. Ќе учествувам на трките во спуст и во супервелеслалом на СП во Аре наредната седмица, по што ќе ставам крај на кариерата“ – објави Вон преку својот профил на социјалните мрежи.

Таа се потсети и на најголемите успеси во кариерата.

„Секогаш сум велела не се предавај, а сега морам да се предадам. Не ми е жал што се пензионирам, туку што не си ја исполнив целта што си ја имав зацртано. Сепак, кога ќе погледнам назад имам 82 победи во Светскиот куп, 20 титули во Светскиот куп, три олиписки медали, седум медали од светски шампионати. Остварив нешто што ниту една жена во историјата на скијањето немаше остварено и засекогаш ќе бидам горда поради тоа“ – истакна Линдзи Вон.

Се вчитува...