Неста: Будала е секој што избира тренерска работа

Алесандро Неста, некогашниот одличен стопер и репрезентативец на Италија, проговори за својата тренерска кариера, но и за моменталната ситуација во италијанскиот фудбал. Поранешниот ас на Лацио и Милан живее во САД.

Неста се врати во Америка откако во март доби отказ од Фросиноне, член на италијанската Серија Б.

„Искрено би сакал да останам во Америка и да водам клуб во МЛС лигата отколку да бидам во Италија. Моето семејство е тука, три години бев одвоен од нив и сакам да поминувам што повеќе време со сопругата и децата“, вели Неста.

Некогаш одличниот стопер во својата досегашна тренерска кариера го предводеше Мајами, а потоа замина во Италија каде беше на кормилото на Перуџа и Фросиноне.

„Потешко е да се најде работа во Америка отколку во Италија, бидејќи во МЛС има тренери од целиот свет. Многу поголем притисок има и во Италија. Човек мора да биде подготвен на се’, од терен до следење на социјални мрежи. Навикнат сум на тоа, но морам да кажам дека секој што ќе ја избере оваа работа е будала“, изјави Неста.

Алесандро се осврна и на табелата во Серија А каде моментално на врвот е неговиот поранешен клуб Милан.

„Верувам дека Милан може да стигне до титулата. Ова е нивната шанса за живот. И тоа е она на што треба да се фокусираат. Не се подготвени да се борат за висок пласман во Лигата на шампионите. Скудетото е вистинската мерка за овој тим“, изјави легендата на Милан.

Неста во текот на својата кариера освои две ЛШ, три титули во италијанскиот шампионат и светската титула со италијанската репрезентација.

Се вчитува...