Несторовски: Жал ми е, оваа повреда ме остави без ЕП

Илија Несторовски преку профилот на социјалните мрежи се заблагодари на поддршката што ја добива во овие тешки моменти, откако македонскиот голгетер заработи незгодна повреда на коленото што значи дека нема да може да настапи за репрезентацијата на претстојниот европски шампионат.

Несторовски денеска беше опериран во Рим од познатиот италијански хирург Маријани, по што сега го очекува повеќемесечна пауза од фудбалските терени.

„За жал, оваа повреда нема да ми дозволи да играм на Европското првенство со Македонија, нешто што многу го посакував. Но, ќе дадам се од себе и ќе го победам овој предизвик и ќе се вратам посилен од порано. Сакам да им се заблагодарам на моето фантастично семејство, на соиграчите, пријателите и навивачите кои ми напишаа и ме натераа да се чувствувам сакан повеќе од кога било во ова тешко време. Благодарност и до професорот Маријани и неговиот тим. Патот е тежок, но јас сум подготвен“, напиша Несторовски.

Се вчитува...