НЕВИДЕНА СЕНЗАЦИЈА: Сноубордерка од Чешка, со позајмени скии од Шифрин, до злато во супервелеслалом!

22-годишната Естер Ледецка од Чешка дефинитивно стана најголемата приказна во досегашниот тек од Зимските олимписки игри во Пјонгчанг со освоениот златен медал во супервелеслаломската трка.

Ледецка, која беше тотален аутсајдер во алпското скијање – посебно во супервелеслалом, на крајот го освои златото со стотинка предност во однос на олимписката победничка од Сочи, Австријката Ане Веит, додека бронзата ја освои Тина Вејрaтер од Лихтенштајн.

Никогаш во својата кариера Естер не била ниту блиску до подиумот, а нејзин најдобар пласман во супервелеслалом е 19. место од Гармиш. Што е уште поневеројатно, таа е всушност светска шампионка во сноуборд во паралел-слалом од Сиера Невада минатата година. Токму во сноуборд таа посакува и во Пјонгчанг да стигне до златото, а супервелеслаломот требаше да и биде само рекреативно загревање за тоа.

За бајката на скијачката од Чешка да биде уште поубава заслужна е и Американката Микаелa Шифрин која и ги позајми скиите, и за трката во спуст.

По пристигнувањето на целта и самата Естер не можеше да верува дека го освои златниот медал, останувајќи комплетно шокирана…

„Навистина не знам што се случи. Не можам да верувам. Цело време гледам дали ќе ми дојдат луѓето од организацијата и ќе ми кажат дека имало проблем со мерењето, или дека моето време е заменето со некоја друга скијачка. Но, ете уште никој не доаѓа… Не знам што се случува. Јас и мојата мајка се гледавме една со друга на целта и не знаевме што се случува. Чекајте малку. Дали ова навистина е возможно?“ – изјави на целта видно возбудената Естер Ледецка.

Се вчитува...