Неверојатниот Вестбрук со 59-ти „трипл-дабл“, но за него нема место меѓу стартерите на НБА Олстар мечот

Кошаркарот на Оклахома, Расел Вестбрук синоќа реализираше уште еден свој „трипл-дабл“, 59-ти во кариерата.

Откако Кевин Дурант ја напушти Оклахома, Вестбрук се промовираше во апсолутен лидер на екипата, па уште во првата сезона без Дурант запишува неверојатни бројки. Со синоќешниот 59-ти „трипл-дабл“ го престигна и легендарниот Лари Бирд, а пред себе ги има уште Оскар Робертсон (181), Меџик Џонсон (138), Џејсон Кид (107) и Вилт Чемберлејн (87).

Сезонава ова беше 22-от „трипл-дабл“ за Вестрбук. А, интересно, ете, не е избран за стартер на Олстар мечот, но е резерва на Стеф Кари.

Вестбрук синоќа против Јута на гостински терен постигна 38 поени, со 10 скока, 10 асистенции и четири украдени топки. Оклахома славеше со 97-95, а покрај Вестбрук се истакна и Оладипо со 18 поени. Хауард на спротивната страна постигна 17 поени.

Њу Орлеанс со 124-122 славеа против Кливленд во одличен меч, и покрај тоа што неверојатниот Кајри Ирвинг постигна дури 49 поени. Сепак, за гостите тоа не беше доволно. Леброн Џејмс, пак, имаше 27 поени, 12 асистенции и 10 скока, а Кевин Лав – 22 поени со 16 скока.

Њујорк никс со 26 поени на Кармело Ентони триумфираше со 109-103 на гостувањето кај индијана, која беше предводена од Пол Џорџ со 31 поен.

Неочекувано, Голден стејт загуби со 105-102 во Мајами, и тоа благодарение на одличниот Вејтерс кој со 33 поени ги среди гостите. Кевин Дурант кај Голден стејт постигна 27 поени, а Томпсон мечот го заврши со 22 поени. Стеф Кари постигна 21 поен дополнети и со 10 скока.

Сан Антонио славеше со 112-86 на гости против Бруклин, Сакраменто со 109-104 во Детроит, а ЛА Клиперс со 115-105 во Атланта. Гостинска победа забележа и Вашингтон во Шарлот од 109-99.

Се вчитува...