Невидена драма: Холандија светски првак по големиот шпански подарок

Холандија е новиот светски првак во женски ракомет откако во супердраматично финале „лалињата“ славеа над Шпанија со резултат 30-29. Шпанките уште долго ќе го паметат овој пораз бидејќи имаа реми „во џеб“, напад за победа при 29-29, но потоа една почетничка грешка значеше црвен картон и пенал за Холанѓанките, што „лалињата“ го претворија во прва светска титула во својата историја.

„Црвената фурија“ одлично го почна мечот и за помалку од десет минути игра стигна до предност од 5-2. Холанѓанките набрзина се консолидираа, ја зацврстија одбраната, па Шпанија цели 11 минути не постигна ниту еден единствен погодок. При резултат 9-9 и двете селекции не искористија по неколку напади, а Холандија првото водство го имаше пред крајот на полувремето (13-12). „Лалињата“ фуриозно го завршија полувремето, заминувајќи на одмор со 16-13, откако Шпанија пред самиот крај не искористи и седмерец.

Холанѓанките во раната фаза од второто полувреме поведоа и со пет гола (22-17), но Шпанија намали на 23-21, принудувајќи го противничкиот селектор на тајмаут. „Фуријата“ не искористи два напади да дојде на „минус еден“, пред Полман да постигне важен гол за „лалињата“ од исклучително тешка позиција. Шпанките не се предадоа, па со гол во празна мрежа додека имаа играч повеќе на теренот намалија на 25-24, на десет минути до крајот.

Холандија влезе во серија на грешки кога беше најважно, па во 57.  минута Шпанките тргнаа во контранапад за израмнување, но Тес Вестер го одбрани зицерот на Барбоса. Во следниот напад повторно наивно загубена топка на Холанѓанките, овојпат Марта Лопез не погреши како нејзината репрезентативна колешка, израмнувајќи на 29-29 на две минути до крајот на ова супердраматично финале. Трет напад по ред Холандија ја загуби топката, со што Шпанија во последната минута доби шанса за победа и златен медал.

И потоа, драма, Шпанките прерано шутираа и промашија, а потоа за блок на шест метри оценет како опструкција беше досуден пенал за Холандија и црвен картон за една шпанска ракометарка. „Лалињата“ не го пропуштија големиот подарок, па со седмерец во последната секунда Холандија стигна до првата светска круна.

Во мечот за третото место, Русија ја совлада Норвешка со 33-28, закитувајќи се со бронзениот медал.  Виакхирева одигра уште еден одличен натпревар постигнувајќи девет гола со само две промашувања. Најефикасни во норвешкиот табор при денешниот пораз беа Арнцен и Офтедал со по седум погодоци.

Се вчитува...