Невидена драма во Њукасл: Тинејџерот Нгуоха му донесе победа на Ливерпул во 100. минута

Њукасл и Ливерпул го заокружија второто премиерлигашко коло со незаборавен меч во кој „црно-белите“ се вратија од негатива од два гола, но „црвените“ на крајот стигнаа до победа. Младиот 16-годишен Рио Нгуоха беше херојот на Ливерпул, постигнувајќи маестрален гол во 100. минута, само шест минути откако влезе во игра на местото на Гакпо. Англискиот првак имаше предност од 0-2 и играч повеќе по исклучувањето на Гордон, Њукасл успеа до 2-2, но Ливерпул беше тимот што на кајот сепак се радуваше на цел плен на овој луд натпревар.

Њукасл доминираше во првите дваесетина минути, домаќините промашија неколку шанси, но текот на мечот се смени кога Гравенберх погоди од дваесетина метри и ги шокираше присутните на „Сент Џејмс Парк“. Мизеријата за Њукасл беше комплетирана откако Гордон доби директен црвен картон за стартот над Ван Дајк во 45. минута, пред Ливерпул да поведе со 0-2 во првата минута од второто полувреме преку Екитике.

Се очекуваше Ливерпул рутински да го приведе мечот до крај, но Њукасл успеа да воскресне, најпрвин капитенот Гимараеш намали на 1-2, а во 88. минута ерупција од воодушевување меѓу домашните навивачи предизвика Осула, кој излезе зад гостинската одбрана и мајсторски го матираше Алисон Бекер.

Њукасл дури и имаше повеќе од играта во судиското продолжение (се играа дури 11 дополнителни минути), за во 100. минута – молк на „Сент Џејмс Парк“, акција од десната страна по која Салах асистираше, Собослаи ја прескокна топката, а младиот Нгуоха со маестрален удар со гол го круниса своето премиерлигашко деби.

Се вчитува...