Францускиот кошаркар Никола Батум објави дека ја завршува својата професионална играчка кариера. Батум има 37 години, а претходните 18 години ги помина во НБА.
„По 21 година, време е да се вратам дома. Поминаа 25 години откако заминав, а 20 години бев професионалец. Тоа е многу. Осумнаесет години во НБА, 15 во француската репрезентација“, изјави Батум.
Тој ја започна својата професионална кариера во Ле Ман во 2006 година и две сезони по ред беше прогласуван за најдобар млад играч во француското првенство, пред да биде избран од Хјустон Рокетс како 25. пик на НБА-драфтот во 2008 година. Истата вечер беше разменет во Портланд Трејлблејзерс, каде што помина седум сезони.
Потоа премина во Шарлот Хорнетс, каде што одигра пет сезони. Најдобрата сезона во кариерата ја имаше во 2016/17 година, кога бележеше просек од 15,1 поен, 6,2 скока и 5,9 асистенции по натпревар.
Батум потоа играше за Лос Анџелес Клиперс во два наврата, а меѓу нив, во сезоната 2023/24, го носеше дресот на Филаделфија 76. Во текот на својата НБА-кариера, одигра вкупно 1.205 натпревари во регуларниот дел од сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
