Никола Ѓоргиев: Групата е по мерка, имаме шанси и за осминафинале на Европското првенство

Македонската одбојкарска репрезентација во историскиот дебитантски настап на Европското првенство во септември годинава во прелиминарниот групен сегмент ќе мора да се соочи со бранителот на континенталниот трон Русија, домаќинот Словенија како и со селекциите на Финска, Турција и на Белорусија.

Лидерот на нацоналниот тим, Никола Ѓорѓиев во оценката на противниците токму рускиот состав го посочува како најголем предизвик на македонската репрезентација.

„Групата е по мерка и мене искрено ми се допаѓа.  Од третиот шешир, избегнати се Бугарија и Германија што ми беше и желба. Дефинитивно Русија е фаворит број еден во групата. Со сите други можеме да играме. Освен од Русија, од никого не се плашиме дури и Словенија ќе пробаме да ја изненадиме, но сепак нашите шанси мислам дека ќе ги бараме со репрезентациите на Финска, Турција и на Белорусија“ – вели капитенот.

Тоа што нашиот тим првпат ќе биде на големата континентална сцена, за Ѓоргиев не е хендикеп.

„За нас  ова ќе биде нас дебитантски настап, можеби го немаме искуството од Европско првенство, но сепак долги години сме заедно и имаме доста важни натпревари во нозете. Добри подготовки, здрави играчи, без повреди. Најважно е ако излеземе со најдобрата наша формација мислам дека борба за 16 најдобри во Европа е реалност“ – смета нашиот најдобар одбојкар.

Од четирите опции за настап во прелиминарната фаза, македонската репрезентација го доби словенечкиот главен град. Ова ќе биде можност за поголема поддршка за најдобрите одбојкари.

„Позитивно е што сме во Љубљана, поблиску за нашите Македонци, па се надеваме и на голема поддршка од македонската фаланга со чија помош секако полесно ќе стигнеме до посакуваниот резултат и нова историја за македонската одбојка“ – посакува Ѓоргиев.

Европското првнество почнува на 12 септември, првпат учествуваат 24 репрезентации. Поделени се во четири групи со по шест селекции. Во осминафиналето ќе се пласираат по четири најдобри од секоја конкуренција.

Се вчитува...