Никола Ѓоргиев слави титула во Чешка

Никола Ѓоргиев ја збогати својата колекција на трофеи со шампионска титула во Чешка, откако македонскиот капитен вечерва се израдува на златен медал во шампионатот на оваа земја со тимот на Карловарско.

Македонскиот капитен и соиграчите за ривал во финалната серија го имаа тимот на Прага, пресметките беа максимално интересни, па по израмнетите 2-2 шампионот се решаваше со мајсторка што се играше во Карлови Вари.

Ѓоргиев и останатите одбојкари на Карловарско ја искористија предноста на домашниот терен и доминантно, со максимални 3-0 во сетови се закитија со шампионскиот трофеј. Неизвесен беше само првиот сет што тимот на Македонецот го доби со 25-22, по што Карловарско целосно доминираше до крајот на мечот, славејчи со 25-15 и 25-18 за огромно славје на големиот успех.

Ѓоргиев за неколку дена ќе се врати назад во Македонија и наскоро ќе се приклучи на подготовките на нашиот национален тим за згуснатиот летен календар што ќе биде крунисан со нов настап на европско првенство, закажан за септември 2026.

Се вчитува...