Српскиот кошаркар Никола Калиниќ одлучи да ја заврши кариерата. Веста дека 34-годишниот кошаркар се повлекува од играчката кариера дојде како гром од ведро небо.
„Луѓе, ја завршувам кариерата. Станувам помошник-тренер во Звезда. Поради животните околности, сакам да бидам блиску до Белград. Ви благодарам на сите што бевте дел од оваа луда авантура“, напиша Калиниќ на социјалните мрежи.
Калиниќ ги мина изминатите две сезони во Црвена ѕвезда, што беше негов трет престој во клубот од Мал Калемегдан. Тој ја започна професионалната кариера во Спартак Суботица во 2009 година, а патот до дресот на Звезда го водеше преку Нови Сад, Војводина и Раднички Крагуевац.
Првиот мандат во црвено-белиот дрес го имаше во сезоната 2014/15, вториот во 2021/22, а настапуваше и за Фенербахче (цели пет години), како и за Валенсија и Барселона.
Беше шампион во Евролигата во 2017 година со Фенербахче, ја освои АЦБ лигата со Барса во 2023 година, а двапати беше шампион во АБА лигата со Звезда. Исто така, има освоено три титули во турското првенство. Во 2022 година беше прогласен и за МВП на АБА лигата.
Со репрезентацијата на Србија освои сребрени медали на Олимписките игри во 2016 година и на Светското првенство во 2014 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
