Николов: Четири меча за 10 дена е катастрофа, но кога се игра за репрезентација ништо не е тешко

Македонската фудбалска репрезентација ги продолжува подготовките за првите четири натпревари од новото издание во Лигата на Нации. Македонските национали стартуваат против Бугарија на гости, а потоа гостуваат на Гибралтар, па дома со Грузија и со Гибралтар. Четири натпревари за десетина дена.

Според Бобан Николов тој систем е катастрофа, особено сега по крајот на сезоната, но вели дека кога се игра за репрезентација тоа не треба да биде никаков проблем.

„Дојдовме тука да одиграме максимално на овие четири натпревари, затоа што кога се игра за репрезентацијата ништо не е тешко. Катастрофа е да се играат четири натпревари за 10 дена, но тоа е друг проблем. Ќе биде тешко, да не бараме оправдувања, туку да покажеме во следните четири меча дека можеме. Ќе го истуркаме и ова ќе го победиме.“, вели Николов.

Селекцијата се комплетира утре со доаѓањето на Трајковски.

„Го чекаме Трајковски да дојде утре и ќе бидеме сите заедно. Нашата цел е првиот натпревар со Бугарија, сите знаеме дека сме фаворити и дека треба да бидеме прво место за да имаме шанси да играме пак на големо натпреварување. Тоа што се случи со Италија и Португалија покажавме дека можеме многу, но сега треба да бидеме фокусирани кон следните натпревари.“, вели Николов кој има пофални зборови за помладите и дебитантите кои ќе чекаат шанса.

„Момците и помладите се многу квалитетни, мислам дека ќе ни помогнат. Првпат се тука, но минаа низ младата селекција, играат во други клубови и секој кој е тука не е случајно. Ние сме тука да м дадеме поддршка и мислам дека добро се вклопија. Ако играме ние како знаеме, не треба да се фокусираме на Бугарија, туку на нас и ако одиграме добро мислам дека можеме да ги добиеме“, заврши Николов.

Се вчитува...