Ноа Фарахан: Подготвен сум да бидам лидер на МЗТ

Американскиот бек Ноа Фарахан, кој летово пристигна како едно од главните засилувања во редовите на македонскиот шампион МЗТ Скопје, веќе напорно тренира со екипата и ги сподели своите први импресии од клубот, градот и очекувањата за претстојната сезона.

Од него се очекува да биде еден од главните лидери и мотори на „сино-белиот“ тим во предизвиците што следат на три фронта – домашната Суперлига, АБА2 лигата и настапите во ФИБА Еврокупот. Тој не го крие задоволството од топлото добредојде во Скопје и Аеродром.

„Скопје е навистина убав град, особено Аеродром каде што минувам најголем дел од времето, а луѓето се прекрасни и ме пречекаа со раширени раце. Стручниот штаб, соиграчите, сите во клубот одлично се прилагодуваат и навистина се чувствувам многу удобно, буквално како дома. Ваквата позитивна атмосфера и поддршка се огромна мотивација за мене да дадам сѐ од себе на теренот и да ги израдувам навивачите“, истакна Фарахан.

Зад „сино-белите“ се првите десет дена од подготвителниот период, а Американецот има исклучително позитивни впечатоци за квалитетот и работната етика на екипата:

„Имаме одлична група момци. Сите покажуваат неверојатна борбеност и енергија уште од првиот тренинг. Играме брза кошарка, топката одлично се движи по теренот и секој ден сѐ подобро се воигруваме. Уверен сум дека доколку останеме сплотени и се држиме заедно, пред нас е исклучително успешна сезона“, дополни Американецот

Пред МЗТ Скопје е сезона полна со предизвици и згуснат распоред со по три натпревари неделно, особено со настапот во европските купови, што претставува дополнителен мотив за 25-годишниот бек:

„Настапот во Европа е огромен предизвик. Тоа е натпреварување од највисок ранг каде што секој тим влегува со максимална борба на секој меч. Нема простор за опуштање, мора да бидеме максимално фокусирани и тактички прецизни. Но, токму за вакви предизвици живеат врвните играчи — да го покажеме својот вистински карактер и да направиме големи работи. Да, јас сум подготвен да ја преземам улогата на лидер“, оптимист е Ноа.

Првиот официјален предизвик за МЗТ е закажан за 26 септември, кога аеродромци ги очекува Суперкупот против Куманово.

Се вчитува...