Нов шок во Мелбурн: По Ѓоковиќ, испадна и Мареј

По бранителот на трофејот Новак Ѓоковиќ, својот настап на Австралија опен прерано го заврши и првиот носител Енди Мареј, откако британскиот тенисер рано утрово беше совладан со 1-3 во сетови од Миша Зверев. Германскиот тенисер кој влезе во турнирот како 50. рангиран на АТП листата го одигра најдобриот меч во својата кариера, целосно доминираше против Мареј и на крајот заслужено триумфираше со 3-1 во сетови (7-5, 5-7, 6-2, 6-4).

За Зверев ова ќе биде прво гранслем четвртфинале во неговата кариера, додека Мареј за првпат по пауза од седум години не се пласираше меѓу најдобрите осум тенисери во Мелбурн.

Воедно, ова е прв случај по 2002 година двајцата први носители да не се пласираат во четвртфиналето на Австралија опен, откако пред 15 години тоа им се случи на Лејтон Хјуит и Густаво Куертен.

Зверев за противник во следната рунда ќе го има подобриот од мечот Федерер – Нишикори, кој е предвиден за последен на програмата денеска.

Поранешниот шампион на овој гранслем турнир, Станислас Вавринка, се најде меѓу осумте најдобри откако го совлада Сепи со 3-0 во сетови, и тоа со три тај-брејка.

Се вчитува...