Нова корона-криза во Вардар

Клубовите никако да здивнат од проблемите предизвикани од коронавирусот. По многуте одложувања оваа сезона, на првенството му се заканува уште едно откако вирусот повторно удри по КК Вардар. Во редовите на „црвено-црните“ има најмалку четири позитивни случаи на вирусот, а по дуелот против Пелистер, голем број на играчи вчера покажале покачена температура.

Првите заразени случаи биле евидентирани по последниот дуел со Црн Дрим, а за жал состојбата во таборот на „црвено-црните“ дополнително се влошила во последните два дена. По ова, јасно е дека скопскиот прволигаш повторно ќе биде надвор од натпреварувачки ритам на домашната сцена.

Ова ќе биде трет пат Вардар да помине период во самоизолација, по двата на почетокот на сезоната по што првиот натпревар за избраниците на Јованчев беше одигран на почетокот на декември. Јасно е дека тимот од „Кале“ ќе ги пропушти дуелите во следните две недели, но останува да ја видиме разврската од целата ситуација со оглед на ризикот дел од „вардарци“ да биле позитивни и при мечот со Пелистер, што е опасност за зараза и во таборот на битолскиот клуб.

Се вчитува...