Новалијата им се врати на победите – Феникс 2010 лесно со Куманово

Новалијата во Првата кошаркарска лига, Феникс 2010 успеа да го одбрани домашниот терен и во десеттиот натпревар откако во 20. коло славеше над Куманово со убедливи 91-76. „Виолетово-жолтите“ го наметнаа својот ритам уште од самиот почеток на средбата, рано стигнаа до двоцифрена предност и во ниеден момент не ги доведоа новите два бода во прашање.

Феникс 2010 успеа да го наметне својот ритам уште од самото отварање на средбата. Избраниците на Дервишевиќ одиграа одлично во одбраната каде го сведоа Куманово на едноцифрен број на поени за седум и пол минути, а добриот проток на топката во нападот донесе отворени обиди за три поени кои беа искористени па благодарение на петте тројки поведоа со двоцифрена предност по 10. минити игра (24-13). Куманово преку Димитриовски успеа да ја намали негативата на 30-21 во втората четвритна, но домаќините не дозволија дополнително намалување на предноста. Стојановски и Вилијамс влегоа во елемент во нападот за 39-21, а Трајковски и Морган ги следеа нивните стапки па новлијата на полувремето замина со предност од 53-33.

Домаќините започнаа убедливо и во второто полувреме во кое преку Вилијамс и Морган стигнаа до највисоката предност од +26 (59-33), но раното опуштање знаеше да го искористи искуниот тим на Куманово. „Сино-белите“ со мини серии успеваа да ја намалат негативата па на крајот на третата четвртина истата изнесуваше 72-55. Сепак избраниците на Дервишевиќ не дозволија изненадување, навремено ги консолидираа своите редови, заиграа на претпознатливото ниво на двата дела од теренот па ја зголемија предноста уште на отварањето на последната четвртина и ги решија сите дилеми за победникот па шанса добија и младите Костиќ, Ѓорѓиоски, Николовски и Здравковиќ.

Бојан Трајковски беше прво име кај домаќините со 29 поени и 8 скока, 25 поени и 4 скока додаде Морган, додека со 21 поен и 4 асистенции мечот го заврши Вилијамс. Марјановиќ беше лидер на Куманово со 28 поени, 12 поени додаде Димитриевски, додека дабл-дабл од 11 поени и 15 скока оствари Акано.

 

Се вчитува...