Новата Македонија пред најголемиот ракометен предизвик наречен Норвешка

Женската ракометна репрезентација на Македонија вечерва на домашен терен ќе го пречека актуелниот европски и светски шампион Норвешка во ЕХФ еврокупот како дел од априлскиот прозорец.

Една од лидерките на оваа генерација на „црвено-жолтите“, Леонида Гичевска пред мечот со силниот противник вели дека сите добро знаеме која е Норвешка, но не треба никого да воздигнуваме туку да го дадеме својот максимум.

„Норвешка е репрезентација за која што мислам дека нема потреба да даваме коментари, доволно е самото тоа што е актуелен европски и светски шампион. На нас треба да ни претставува задоволство и уживање да играме такви натпревари, без притисок. Не треба никого да воздигнуваме, туку напротив треба да го почитуваме било кој противник и да го одиграме своето. Треба да се фокусираме на нас и нашата игра. На овој меч ќе имаме голема мотивација и таа не може да биде поголема бидејќи играме против најсилната репрезентација во светот“, изјави Гичевска за ЕКИПА.МК. 

Слично размислува и голманката на „црвено-жолтите“, Јована Мицевска…

„Играме против една многу силна и квалитетна репрезентација и сигурно дека не очекува многу тежок натпевар, во кој ќе гледаме да дадеме максимум. Мотивирани сме, макимално работиме и верувам во нашиот квалитет. Не е лесно да се игра против светскиот шампион, но на наша страна е мотивацијата и желбата за успех така што се надевам на добра игра. Нашата репрезентација од натпревар во натпревар се повеќе добива сигурност и стабилност и ќе дадеме се од себе тоа истото да го покажеме и против Норвешка. Можам да кажам дека како ракометна сила Норвешка ни дава дополнителна мотивација да се покажеме во најдобро светло. Имаме убава атмосфера во репрезентацијата и сметам дека можеме да играме против секого“, изјави Мицевска. 

Натпреварот меѓу Македонија и Норвешка кој ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје е закажан за вечерва со почеток во 19.30 часот.

 

Се вчитува...