Новата Македонија стартува против Црна Гора

Женската ракометна репрезентација на Македонија отвора нова страница со дуелот против Црна Гора од ЕХФ купот. Љубомир Савевски по одличното лето со младинските категории ќе го има првиот натпревар во својот втор мандат на чело на репрезентацијата.

Селекторот пред вечерашниот дуел со Црна Гора вели дека ова е еден нов почеток во кој треба да се види со што располагаме, а резултатот треба да е во втор план.

„Почнуваме една нова етапа во репрезентацијата. Имаме доста ракометарки кои летово беа дел од младите репрезентации, а вечерва ќе го имаат своето деби во сениорскиот тим. Црна Гора иако доаѓа во комбиниран состав во Македонија тоа е еден одличен тим кој има континуитет на големите натпреварувања. Морам да повторам дека потребна е голема работа во следниот период. Голем дел од ракометарките од домашниот шампионат не се во добра физичка подготовка, па во следниот период ќе мора да работиме и на тоа“, изјави Савевски. 

Јована Саздовска и дефинитивно нема да биде дел од тимот кој ќе настапи вечерва, а Савевски вели дека не се знае дали ќе биде дел од репрезентацијата и на мечот кој ќе се игра во Црна Гора.

„Саздовска се пожали на болка во мускулот па затоа не сакаме да ризикуваме вечерва со неа. Би требало да биде подготвена за мечот на гостински терен против Црна Гора, но доколку не е сто отстотно подготвена, нема потреба да ризикуваме со неа“, додава Савевски. 

Натпреварот меѓу Македонија и Црна Гора кој ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје е закажан за во 20.15 часот.

Се вчитува...