Нови два светски рекорди на СП во пливање во мали базени во Мелбурн

Микс штафетата на 4х50 метри мешано на Соединетите Американски Држави стигна до златниот медал на Светското првенство во мали базени кое се одржува во австралискиот град Мелбурн.

Штафетата во состав Рајан Марфи, Ник Финк, Кејт Даглас и Тори Хаски делницата ја исплива со време од 1:35.15 минути што е нов светски рекорд. Сребрениот медал и припадна на штафетата на Италија која постави но европски рекорд 1:36.01 минута, додека бронзата и припадна на канадската штафета.

Светски рекорд постави и женската штафета на Австралија на 4х200 метри слободно. Австралијките во состав: Медисон Вилсон, Моли Окалахан, Леа Нил и Лани Палистер делницата ја испливаа за време од 7:30.87 минути што е за неверојатни 1.98 стотинки подобро од досегашниот рекорд на Холандија од 2020 година. Среброто и припадна на штафетата на Канада, додека со бронза се закитија Американките.

Рајан Марфи стигна до златниот медал и на трката на 100 метри грбно. Тој оваа делница ја исплива за време од 48.50 секунди што е нов рекорд на шампионатите. Среброто му припадна на Италијанецот Лоренцо Мора, додека како трет заврши домашниот пливач Исак Алан Купер.

Рекорд на шампионатите постави и Бразилецот, Николас Сантош. Бразилскиот пливач до златниот медал на трката на 50 метри пеперутка стигна со време од 21.78 секунда што е второ најдобро време во историјата на оваа делница. Среброто му припадна на Швајцарецот, Ноа Понти, додека со бронза се закити Себастијан Сабо од Унгарија.

Се вчитува...