Хајдук потврди дека мандатот на Иван Ракитиќ како технички директор завршува на 30 јуни 2026 година, кога истекува и неговиот договор, и тој повеќе нема да биде дел од тимот.
Иван Ракитиќ го облече дресот на Хајдук како последен чин од неговата голема и успешна играчка кариера, исполнувајќи ја долгогодишната желба да игра пред навивачите на „белите“ и да остави свој белег во тимот.
„Со приклучувањето кон Хајдук, тој донесе исклучително меѓународно искуство и, со својот професионализам и став кон белиот дрес, брзо стана неопходен дел од тимот – пример и модел за неговите соиграчи“, објави Хајдук, додавајќи:
„По завршувањето на играчката кариера, тој ја презеде улогата на технички директор, каде што продолжи да придонесува за развојот на спортскиот сегмент и да создава основа за долгорочен напредок на првиот тим. Со своето знаење, меѓународни контакти и експертско разбирање на фудбалот, тој даде значаен придонес во работата на спортскиот оддел.
Затоа, му изразуваме искрена благодарност на Иван за сè што направи, и како играч и како технички директор. Неговата посветеност и поврзаност со Хајдук ќе останат засекогаш врежани во историјата.
Иако ги завршува своите должности како технички директор, Иван Ракитиќ останува дел од семејството Хајдук и ја продолжува својата соработка преку улогата на амбасадор на Хајдук, претставувајќи го во Хрватска и во странство“, стои во објавата на Хајдук.
Ова е втор голем потрес во Хајдук во последните неколку дена. Претходно Марко Ливаја беше отстранет од тимот поради недисциплина, но по неколку дена се врати на тренинзите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
