Новинар од БиХ поднесе кривична пријава против Нуркиќ

Новинарот Един Скокиќ од Тузла поднесе кривична пријава против кошаркарот Јусуф Нуркиќ тврдејќи дека бил изложен на психичко малтретирање, прогон и притисок преку социјалните мрежи.

Кантоналното обвинителство на Тузланскиот кантон потврди дека предметот е оформен и дека, по налог на надлежниот обвинител, веќе се спроведени првичните проверки.

Портпаролот на обвинителството, Адмир Арнаутовиќ, изјави дека Нуркиќ бил сослушан во рамките на постапката, а Скокиќ поднел и втора пријава против истото лице, која била споена со првата. Истрагата ќе продолжи со дополнителни проверки, по што обвинителството ќе одлучи дали постојат елементи за поведување кривична постапка.

Скокиќ тврди дека конфликтот започнал минатата година, во пресрет на Европското првенство, кога тој ги критикувал јавните изјави на Нуркиќ за состојбата во Кошаркарскиот сојуз на Босна и Херцеговина. Според неговите зборови, репрезентативецот на БиХ тогаш ја објавил неговата фотографија на социјалните мрежи со коментар што новинарот го доживеал како прикриена закана, поради што првично побарал реакција од надлежните органи.

Новинарот понатаму наведува дека ситуацијата подоцна се влошила, обвинувајќи го Нуркиќ дека користел вештачка интелигенција за да креира монтирани фотографии на кои тој е прикажан на навредлив начин и ги објавувал пред голем број следбеници. Како што вели, одлучил да побара правда дури кога сфатил дека сето тоа влијае и на неговото семејство. Покрај кривичната пријава, тој размислува и за поведување приватна тужба за клевета и навреда.

Се вчитува...