Новиот тренер пресече: Миовски останува во Глазгов Ренџерс

Бојан Миовски нема да ги менува клупските бои летово и ќе настапува за Глазгов Ренџерс, во обид да се докаже под водство на новиот тренер Дерик Мекинес.

Овој стручњак пристигна од Хартс (тим со кој беше на прагот на испишување историја, но остана без титулата во последните минути од последното коло), со себе го донесе и голгетерот Лоренс Шенкленд, што во шкотската јавност беше оценето како порака до Миовски да почне да си бара нов клуб.

Сепак, македонскиот голгетер тренира напорно во текот на подготовките, максимално ги користи шансите што му се укажуваат на контролните натпревари, со што успеал да ги придобие симпатиите на Мекинес и членовите на неговиот стручен штаб.

Информациите од Шкотска говорат дека новиот тренер е решен да му даде шанса на Македонецот. Мекинес важи за стратег што претпочита тактика со двајца класични напаѓачи, се очекува Шенкленд да биде со загарантирано место, но Миовски ќе се бори за втората позиција заедно со Надири и Шермити.

За потсетување, Бојан Миовски минатото лето дојде во Глазгов Ренџерс од редовите на шпанска Џирона. Иако не добиваше премногу шанса како стартер, Македонецот успеа да постигне 13 погодоци во својата прва сезона како дел од овој шкотски фудбалски гигант.

Се вчитува...