Ново „предавство“ во Германија: Зиле од Баерн се сели во Борусија Дортмунд

Трансферите на најдобрите фудбалери на Борусија Дортмунд во редовите на Баерн Минхен беа одбележувани како големи „предавства“во изминатата деценија. Сега трендот почна да се менува, откако „милионерите“ по Матс Хумелс успеаја да обезбедат уште еден потпис на играч на Баерн.

Никлас Зиле ќе ја продолжи својата кариера во Дортмунд, откако германскиот репрезентативец ги одби понудите за нов договор со Баерн и ја прифати онаа за четиригодишен престој во таборот на Борусија. Одличниот дефанзивец беше разочаран од понудата на Баерн, која беше пониска од она што баварците му го нудеа на Кристијансен од Челси, по што реши на крајот од договорот како слободен играч да си замине од „Алијанц Арена“.

Иако имаше и понуда од Њукасл, Зиле реши да остане во Бундес-лигата, прифаќајќи ги понудените услови од челниците на Борусија. „Милионерите“ во овој фудбалер гледаат идеален „командант“ за одбранбената линија за наредните години, во ситуација кога летово тимот ќе го напуштат Загаду и Понграчиќ.

Трансферот го потврдија и од Борусија Дортмунд.

Се вчитува...