„Нули“ за Шкендија и за Вардар, Силекс и Ренова победија

Дербито меѓу Пелистер и Вардар под „Тумбе кафе“ не донесе голови, а ниту Шкендија не беше ефикасна на гости кај последнопласираниот Скопје и одигра 0-0. Тимот на Ќатип Османи речиси едно полувреме играше со играч помалку поради исклучувањето на Мевљан Адили.

Силекс си чекори кон Европа со триумфот од 1-0 против Победа, а и Ренова славеше против Шкупи (3-1). Работнички и Академија Пандев ремизираа 1-1, а „романтичарите“ ќе жалат и за нереализираниот пенал на Виктор Ангелов.

Вечното дерби во Битола не донесе некој допадлив фудбал. „Зелените“ имаа голем притисок поради важноста на бодовите во борбата за опстанок, додека вардарци ги загубија трофеите, па сега речиси и да немаат за што да се борат. Покрај тоа, без главниот „мотор“, Фелипе, кој си замина од клубот, очигледно дека Вардар и толку може.
Блажевски се закануваше со удари од далечина во првото полувреме, а Тревис Боувен имаше убава шанса за Пелистер. Во 67.минута, Максим Максимов со удар од 20 метри ја погоди стативата, а во продолжение на акцијата Барсегјан шутираше со глава, но Петровски одбрани.

Во самиот финиш се случија и несакани сцени. Страстите зовреа, се случи општа тепачка меѓу фудбалерите на Пелистер и на Вардар, но за среќа се заврши многу брзо. Барсегјан имаше шанса во последните моменти, но Петровски спаси бод за Пелистер.

Силекс оствари значаен триумф (1-0) против Победа и ита кон целта, пласман во квалификациите за Лигата на Европа. Дејан Благојевиќ во 26.минута беше стрелец на победничкиот погодок за кратовци.

Работнички и Академија Пандев одиграа интересен натпревар на комплексот на ФФМ и ремизираа 1-1. „Пандевци“ поведоа со голот на младиот Атанаскоски, кој го изненади Божиновски со удар од 20 метри во 36.минута.

Во 64.минута, Виктор Ангелов не успеа да реализира пенал за „романтичарите“, но израмнувањето го донесе Николче Шаркоски пет минути подоцна.

Ренова го совлада Шкупи со 3-1 во Тетово. Влатко Стојановски беше двоен стрелец за „гипсарите“ во 14. и во 36.минута, а Меџит Незири во 57.минута го постигна третиот гол. Шкупи преку Кристијан Стојковски во 51.минута постигна гол за надеж, но тоа беше премалку за освојување на бодови на овој меч.

 

ПРВА ЛИГА, 25.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР 0-0

СКОПЈЕ – ШКЕНДИЈА 0-0

СИЛЕКС – ПОБЕДА 1-0

РЕНОВА – ШКУПИ 3-1

РАБОТНИЧКИ – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 1-1

Табела: Шкендија 63, Вардар 47, Силекс 39 (-1), Академија Пандев 30, Работнички 29, Шкупи 29, Ренова 28, Победа 25, Пелистер 23 (-1), Скопје 21.

Се вчитува...