Од готово – вересија: Работнички надомести пет поени за 17 секунди и славеше по продолжение во Гевгелија

Работнички стави крај на серијата од две победи едно по друго на Кожув откако во 20. коло славеше во „26ти Април“ со 82-90 по продолжение. Домаќините имаа предност од пет поени на 17 секунди до крајот, но промашија слободно фрлање, гостите погодија две тројки, а го задржа и темпото во дополнителните пет минути.

Двата тима се мачеа да го најдат напаѓачкиот ритам на отварањето на средбата па до двоцифрен број поени стигнаа по речиси шест минути игра. Сепак на паркетот владееше изедначена игра во која по десет минути Работнички имаше преднсот од еден напад (14-17). Домаќините кои постигнаа само една тројка во првата четвртина, влегоа во серија зад линијата 6,75 во продолжението од првото полувреме па со тројките на Унрих и Колев ја превземаа иницијативата за +5 (23-17). Стекнатата предност гевгеличани ја задржаа и до крајот на првото полувреме, но гостите на крилјата на Данаиловски ја сведоа негативата на само -2 (34-32).

Серијата од 9-0 на Балмазовиќ донесе целосен пресврт за Работнички на самото отварањето на второто полувреме (36-41), но Кожув навремено ги консолидираше своите редови, заигра на ниво во нападот и одбраната, го наметна своето темпо и поведе со 58-50 по 30. минути. Последната четвртина започна како пресликана од третата, избраниците на Блажевски немаа одбрана за Балмазовиќ па искусниот играч со две тројки го врати својот тим во резултатска неизвеност. Истата траеше до самиот крај на средбата, а и покрај тоа што гевгеличани беа на прагот да запишат нова победа по серијата од 8-0 на  Унрих (74-69) со 17. секунди останати на семафорот не успеаја во своите намери.

Работнички со тројката на Едвин ја врати неизвесноста, а откако Главчев промаши едно слободно фрлање за 75-72, херојот на нашиот најтрофеен тим беше Марковски кој по тајм-аутот на Михајловски постигна тројка за дополнителни пет минути. Во нив Работнички го задржа моментумот, ја наметна својата игра и сосема заслужено стигна до деветтата победа во сезоната.

Унрих беше прво име кај Кожув со 35 поени и 6 асистенции, далб-дабл од 22 поени и 12 скока дополнет со 6 асистенции запиша Главчев, додека со 12 поени и 5 скока мечот го заврши Колев. 32 поени, 9 скока и 8 асистенции постигна Едвин за Работнички, 22 поени и 6 скока запиша Балмазовиќ, додека со 12 поени и 5 скока мечот го заврши Какруки.

Се вчитува...