Од ПМФЛ зимава замина најдобриот стрелец и неговиот тренер, Работнички ги продаде своите два „бисери“

Најдобриот стрелец во Првата македонска фудбалска лига Мартин Мирчевски е еден од фудбалерите кои оваа зима направија трансфер во странство. Мирчевски беше поврзуван со Сиваспор и со еден унгарски клуб, на крајот се реши да ја прифати понудата од ТСЦ Бачка Топола во Србија. Академија Пандев „загубата“ на Мирчевски ја пополнија со Димитар Митровски и Виктор Ангелов кои ќе треба да бидат задолжени за голови.

Мирчевски во првиот дел од сезоната постигна 16 гола, и тоа беше доволна препорака за трансфер во странство, втор во својата кариера ако го сметамe и оној во косовска Трепча. Мирчевски е еден од најдобрите играчи во ПМФЛ во последните две сезони, а сега останува само да се покаже и надвор од границите на Македонија.

Во странство замина и неговиот тренер Александар Васоски. Васоски ја напушти Академија Пандев и замина во Сараево. За него ова ќе биде прв интернационален ангажман како тренер. Васоски ја освои титулата со Вардар, потоа стигна до финалето на Купот. Оваа сезона добро тргна, но Шкупи едноставно беше пресилен, а потоа „Академците“ беа престигнати и од Шкендија. На негово место беше назначен Ѓорге Стојчев, кој му беше помошник на Васоски. Заедно со Васоски замина и Раденко Бојовиќ, кој му беше прв асистент во Академија Пандев.

Од оваа екипа замина и Андреј Стојчевски. Младиот Стојчевски направи трансфер во словачка Жилина. Тој веќе и настапи во младинскиот тим, кој го елиминираше големиот Интер во Лигата на шампионите.

Втора екипа која што беше забележителна по трансферите во странство е тимот на Работнички. „Романтичарите“ продадоа двајца играчи кои потекнуваат од својата младинска школа. Станува збор за Лука Станковски и за голманот Ристе Јанков.

Лука Станковски веќе долго време беше пред трансфер, беше дури и промовиран во Монца, но во последен миг поради проблеми со докмунтацијата трансферот минатото лето пропадна. Затоа сега се реши да замине во турскиот шампионат, во тимот на Газиантеп каде што ќе ги покажува своите квалитети. Јанков, пак, беше пред потпис со Војводина, но и тој трансфер во последен миг пропадна, исто така имаше интерес и од бугарски и кипарски тимови, и на крајот се реши да стави потпис со Каспиј од Казахстан.

Од Првата лига зимава замина и Матеј Цветаноски. Иако се чинеше дека ќе остане до крајот на сезоната во Шкупи, сепак, во последен миг крилниот играч се реши да оди во Ѓирмот од Унгарија. Цветаноски замина како слободен играч, затоа што му истекуваше договорот со чаирскиот тим. Доколку ангажманот не беше најден, тогаш тој ќе останеше на Чаир до крајот на сезоната, но понудата од Ѓирмот не можеше да биде одбиена.

Останатите екипи беа некако „пасивни“, барем кога станува збор за продажбата на играчи во странство оваа зима. Виктор Јуфо се врати во Бразил како слободен агент, Камер Чака исто како слободен од Шкендија ќе игра во иднина за унгарскиот Мезоковешд, додека Фернандињо од Македонија ЃП замина во Партизани Тирана.

Се вчитува...