Одбојкарите ги дознаваат противниците за ЕП: Желбите се Србија, Чешка, Романија…

Македонската одбојкарска репрезентација вечерва од 18:30 часот на ждрепката во Брисел ќе ги дознае противниците на Европското првенство кое ќе се одржи од 12. до 29. септември годинава во четири земји, Франција, Белгија, Словенија и Холандија.

За првпат на собирот на најдобрите на Стариот континент ќе настапат 24 репрезентации поделени во четири групи со по шест селекции. Во осминафиналето ќе се пласираат најдобрите четири селекции од секоја група.

Македонија, според рејтинг распределбата, е во четвртиот шешир за денешната ждрепка заедно со Шпанија, Украина и со Грција.

„Најмалку е важно сега со кого ќе сме во група на Европското првенство. Важно е добро да се подготвиме за се што ќе не очекува на турнирот со најдобрите во Европа. Ако ме прашувате тогаш би сакал да сме со Франција или Србија како едни од најсилните европски селекции, а може Чешка, Турција, и Романија или Австрија од последниот шешир“ – вели пред ждрепката селекторот на Македонија, Никола Матијашевиќ.

Градови домаќини на Европското првенство во одбојка ќе бидат Монпелје во Франција, Брисел и Антверпен во Белгија, Љубљана во Словенија и Ротердам и Амстердам во Холандија.

РАСПРЕДЕЛБА НА ШЕШИРИ
ПРВ: Русија, Србија, Полска и Италија
ВТОР: Бугарија, Германија, Финска, Чешка
ТРЕТ: Естонија, Словачка, Турција, Португалија
ЧЕТВРТИ: Македонија, Шпанија, Украина, Грција
ПЕТТИ: Белорусија, Црна Гора, Романија, Австрија

Се вчитува...