Македонските одбојкари ја совладаа Албанија со 4-0 во сетови во првиот викенд пријателски натпревар во Скопје, во циклусот подготовки за завршницата од квалификациите за Европското првенство во 2019 година. Во салата на СРЦ „Форца“, двете репрезентации се договорија да одиграат четири сета во мечот од затворен карактер на кој двајцата селектори тестираа повеќе тактички варијанти.
Првиот сет и припадна на Македонија со 25:23, во вториот црвено-жолтите беа убедливи со 25:17, како што заврши и последниот, додека, пак, во третиот сет уште еднаш се играше на разлика за 26:24. Селекторот Никола Матијашевиќ во првите два сета се реши да ги користи играчите од стандардниот состав, а потоа на примачка дијагонала шанса доби Александар Милков кој остави добар впечаток. Повратникот во дресот со државниот грб Ѓоко Јосифов исто така влезе на теренот, но со оглед на паузата поради повреда, имаше ограничена улога.
Вториот контролен натпревар против Албанците се игра денеска во салата „СРЦ Кале“ во Скопје, а за разлика од првиот дуел, љубителите на одбојката ќе можат да го проследат во живо и да им дадат поддршка на нашите репрезентативци пред завршните две средби од квалификациите за континенталниот собир наредниот септември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА