Ниту промената на тренерот ниту пак заминувањето на голем дел од клучните играчи не донесе посериозен пад во играта на „вардарци“, кои по првите четири кола имаат максимални осум бода во исклучително тешката група од Лигата на шампионите. Слично како и под водство на Раул Гонзалес, сега и новиот тренер Парондо акцентот го става врз фанатична игра во одбраната, што носи исклучителен резултат. Доказ за тоа е и фактот дека „црвено-црните“ се најдобар тим кога станува збор за играта во дефанзива, според бројот на примени голови по првите четири кола од Лигата на шампионите.
Вардар на четирите натпревари забележа исто толку победи, притоа примајќи само 101 гол. Тоа е најдобро остварување од сите екипи во групите А и Б. Под 110 голови примени на четири меча се само уште ПСЖ (105) и ПИК Сегед (106), но и двата тима се наоѓаат во другата група. Исто така Вардар ја има и третата најдобра гол разлика во групите А и Б, со „плус 15″.
Групата А каде настапува Вардар ја нарекуваат и „група на смртта” бидејќи настапува актуелниот европски првак Монпелје и плус уште три поранешни европски прваци: Барселона, Кјелце и Вардар. Во групата се уште и Рајн Некар, Веспрем и Кристијанштад. „Црвено-црните” тргнаа со триумф на гостински терен кај европскиот првак Монпелје, 27-24, потоа дома го победија Кристијанштад со 33-25. Сезонава Вардар првпат успеа да триумфира на гостински терен кај Веспрем, 27-25, а потоа во Скопје беше победен и Рајн Некар со 29-27.
Во следното коло македонскиот шампион го очекува нов сериозен предизвик, гостување во Полска против тимот на Кјелце.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА