Даниел Димевски е нов претседател на МОК

Поранешниот претседател на Кошаркарската Федерација на Македонија, Даниел Димевски, е новиот предводник на Македонскиот Олимписки Комитет, откако вечерва беше изгласан за претседател на Изборното Собрание што се одржа во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Димевски за противничка во трката ја имаше Александра Војнеска – Зикова, но откако во текот на Собранието стана јасно кој го има мнозинството, Војнеска – Зикова и нејзините приврзаници предвреме ја напуштија салата.

Потоа се прејде кон тајно гласање, по што Даниел Димевски со 30 освоени гласа, наспроти два на Војнеска – Зикова беше избран за нов претседател на МОК.

„Уште сега ветувам, јавно кажувам дека следната година ќе организираме ново Изборно Собрание, па тие пак нека не дојдат. Сакам да бидеме обединети, а не разделени. Затоа ќе сторам се за бидеме пак сите заедно. А до следниот избор зад себе ќе имам една година во која ќе работам напорно и ќе дадам се од себе за македонскиот спорт. Вечерва ми е еден од најтешките денови. Имав три мандати во КФМ и секој пат сум давал се од себе на сите што мислат различно да ги убедам да мислат вистински. Оваа ситуација ќе ме мотивира да работам уште понапорно и сите овие столчиња сега што се празни ке бидат полни и ќе ми аплаудираат повеќе од сите вас.“, изјави Димевски.

Досегашниот претседател на МОК, Васил Тупурковски, беше прогласен за почесен претседател на Македонскиот Олимписки Комитет.

Се вчитува...