Почетокот на новата сезона во АБА лигата е одложен, па натпреварот меѓу Будуќност и Цибона, кој требаше да ја отвори сезоната, нема да се одигра според првично предвидениот распоред.
Одлуката официјално ја потврди раководството на регионалното натпреварување по состанокот кој се одржа вечерва. На состанокот исто така е одлучено да се одложи компетното прво коло и во АБА2-лигата во која ќе настапат и два македонски тима, МЗТ Скопје и ТФТ.
Причината за одложувањето е спорот меѓу АБА-лигата и судиите околу висината на нивните надоместоци. Група од 63 арбитри, кои во претходните сезони суделе натпревари во АБА-лигата, Еврокупот, Евролигата и националните првенства, преку адвокат побарале подобри финансиски услови.
Меѓу барањата биле повисоки бруто-надоместоци за натпреварите, сезонски бонуси, здравствено осигурување и дополнителна заштита во случај на повреда.
Откако барањето не било прифатено, АБА-лигата распиша конкурс и избрала нови судии. Сепак, непосредно пред почетокот на сезоната, дел од новоизбраните арбитри се откажале од учеството.
На состанокот на членовите на АБА лигата било одлучено со 11 гласа „за“ и еден воздржан да се одложи првото коло од АБА лигата, како и натпреварите од првата недела на АБА 2 лигата.
Засега нема официјален датум за одигрување на одложените натпревари, па останува неизвесно кога ќе започне новата сезона во регионалното натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
