Официјално: Винисиус Жуниор е нов фудбалер на Реал Мадрид

Бразилската сензација од редовите на Фламенго, Винисиус Жуниор, прифати да биде играч на Реал Мадрид, откако ќе наполни 18 години. За овој трансфер „кралевите“ ќе исплатат сума од 45 милиони евра, а официјално ќе го облече белиот дрес во јули 2019 година, иако се остава можност тој да дојде во Мадрид во 2018, доколку двата клуба дополнително постигнат договор на таа тема.

Иако 16-годишниот крилен офанзивец неодамна потпиша нов договор со Фламенго кој важи до 2022 година, целта на договорот беше да се стави клаузулата од 45 милиони евра, за клубот да заработи што е можно повеќе и да му оневозможи на Реал да преговара за цената. „Кралевите“ и официјално потврдија дека договорот е склучен, а ќе има важност откако фудбалерот ќе стане полнолетен.

Многумина сметаат дека цената е превисока, со оглед на тоа дека се работи за 16-годишен фудбалер, кој допрва треба да се докажува, но Реал свесно го направи овој потег за да не жали за евентуален неуспешен ангажман, како што во минатото не успеа да ги доведе прво Нејмар, а потоа и Габриел Хесус, кои кариерите ги продолжија во Барселона, односно Манчестер сити.

Новиот шпански првак не беше единствениот клуб кој се интересираше за услугите на Винисиус. Манчестер сити и ПСЖ исто така беа подготвени да ја исплатат клaузулата, сепак последниот збор за неговата иднина го има Винисиус, а тој одлучи кариерата да ја продолжи во неговиот омилен клуб, Реал Мадрид. Taлентираниот голгетер на 14. мај годинава дебитираше за сениорскиот тим на Фламенго, одигра само 10 минути против Атлетико Минеиро, а со 16 години и 302 дена стана најмладиот дебитант во историјата на елитната лига на Барзил. За репрезентацијата на Бразил до 17 години, на 22 натпревари постигна 19 погодоци, а беше одбран за најдобар играч на првенството на Јужна Америка до 17 години, откаку им помогна на „кариоките“ да стигнат до трофејот.

Се вчитува...