Охрид поразен во тензичен меч против првакот на Бугарија

Кошаркарите на Охрид претрпеа пораз од 95-81 на премиерниот подготвителен натпревар летово, во кој избраниците на Марјан Илиевски за ривал го имаа бугарскиот првак Балкан од Ботевград. Токму Балкан е домаќин на турнирот „Георги Христов“ а охриѓани и покрај солидното издание сепак не успеаја да ги изненадат кошаркарите на поранешниот македонски селектор Јовица Арсиќ.

Мечот мина во тензична атмосфера, а во третата четвртина за малку ќе дојдеше и до физичка пресметка. Арбитрите вообичаено за натпреварите кај нашиот источен сосед застанаа во одбрана на бугарскиот претставник, па така двајца кошаркари на Охрид добија исклучувања.

Американецот Аџуква беше главен играч на охриѓани со 22 поени и седум скокови, Џексон реализираше 16 поени, а Штерјов го заврши мечот со 12 поени и осум скокови.

Македонскиот прволигаш во мечот за третото место на овој турнир утре ќе се сретне со бугарскиот прволигаш Берое.

 

фото: bgbasket.com

Се вчитува...