Охридскиот маратон ќе се плива 25 километри, со место на листата на европските и светски првенства

Пливачката федерација на Македонија одлучи Охридскиот пливачки маратон да има одредени измени како би ја добил вистинската тежина во европски и светски рамки, а не како досега само дел од ФИНА Гранпри трките кои се до и над 30 километри.

Според новите измени, место досегашните 30 километри сега ќе се пливаат 25 километри затоа што таа е должината на маратоните кои се во рамките на европските и светските првенства.

„Традицијата на Охридскиот пливачки маратон продолжува, но со одредени измени. Патеката место 30 километри ќе биде 25 километри, а името ‘Климе Савин’ си останува. На ваква промена се одлучивме поради тоа што 25 километарските маратони се дел од светските и европските првенства, додека 30 километри не фигурира никаде. Што значи, дека маратонот нема да биде историски, туку на него ќе се испишува историја како што беше случај и до сега“ – вели претседателот на ПФМ, Александар Маленко за „Охридњус“ и дополнува:

„Љубителите на пливањето, охриѓани и туристите ќе имаат можност на свои 5-6 метри да ги видат и бодрат пливачите, а на како што беше до сега на 200-300 метри од обала. Дел од патеката ќе се скрати кај Љубаништа, дел од Градиште до Хотел Гранит, а во финишот директно од Куба Либре, а не од Канео како што беше години наназад. Значи, нема ништо да се менува суштински, туку ќе направиме маратонот да биде поатрактивен со имиња и многу позначаен поради бодовите кои ќе се освојуваат“.

Оваа година Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи на 25. август. Денеска, пак, беше одржан Интернационалниот пливачки маратон на 10 километри на кој победија Аргентинецот Гилермо Бертола и неговата сонародничка Елизабет Сесилија Биаџоли.

Се вчитува...