Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи на 10. или 11. септември, АМС и Општина Охрид со заедничка организација

Охридскиот пливачки маратон оваа година ќе се одржи на 10. или 11. септември, во заедничка организација на Агенцијата за млади и спорт и Општина Охрид, информираа на денешната прес-конференција директорот на АМС, Наумче Мојсоски и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Наградниот фонд од 10.000 евра ќе го обезбеди Агенцијата за млади и спорт, а останатите средства ќе бидат на товар на Општината, за што Советот на Општина Охрид свика итна седница на која треба да се обезбедат 2 милиони денари за организација на Охридскиот пливачки маратон. Поддршка ќе има и од бизнис заедницата како од Охрид така и од цела држава.

Оваа година, затоа што ФИНА ги тргна од календарот 25-километарските маратони, Охридскиот маратон нема да биде со интернационално резултатско значење, но ќе се продолжи традицијата долга 60 години.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, пак, информираше дека од следната година Агенцијата комплетно го презема организирањето на маратонот.

„Проблемите во Пливачката федерација не се отсега. Не може сите обврски кои се под нивна надлежност да се исклучуваат и да се ставаат под тепих. Агенцијата за млади и спорт ќе го обезбеди наградниот фонт, сместувањето и сè она што ќе произлезе иако сè уште не знаеме колкави средства ќе се потребни“, кажа Мојсоски.

Градоначалникот Пецаков соопшти дека изминативе 24 часа се јавиле бројни спонзори од Охрид и Македонија со желба да го поддржат маратонот.

„Уште од наредната година, ние како Општина заедно со Советот на Општина Охрид ќе продолжиме во иста па дури и во поголема форма да го поддржуваме Охридскиот пливачки маратон и да го вратиме сјајот на оваа манифестација, онака како што и заслужува. Но ваква поддршка искрено не се надевав дека може да се случи за 24 часа. Доколку ваквата поддршка продолжи, сметајте дека Охридскиот маратон ќе функционира исклучиво од спонзори без никаква државна или општинска поддршка“, рече Пецаков.

Веќе почна и известувањето на маратонците за условите под кои ќе настапуваат на годинашниот маратон, а според најавите се очекува да дојдат околу 20 пливачи. Маратонот ќе се одржи во септември, затоа што маратонските пливачи во моментов се на Европско првенство во Италија по што следи уште еден маратон во Капри.

Се вчитува...