Остана ли Бразил без својата „деветка“ за Мундијалот?

До почетокот на СП во Катар има уште еден месец, а вчерашниот ден ги донесе и првите посериозни проблеми за бразилскиот селектор Тите. Напаѓачот Ришарлисон, кој важи за прва опција на бразилскиот селектор на позицијата класичен напаѓач, заработи незгодна повреда поради што неговиот настап на претстојниот светски шампионат е сериозно доведен во прашање.

Се играше второто полувреме од дуелот меѓу Тотенхем и Евертон кога напаѓачот без контакт со противнички играч остана да лежи на теренот. Станува збор за повреда на листот, па Бразилецот веднаш мораше да биде заменет, со солзи во очите напуштајќи го теренот.

И на Ришарлисон му е јасно дека тајмингот на повредата е многу лош, бидејќи доколку се покаже дека станува збор за кинење на мускулот, тоа би значело пауза од шест до осум седмици, што ќе значи и дефинитивно неиграње на Бразилецот за својата репрезентација на СП во Катар.

Дополнителна главоболка претставува фактот дека Ришарлисон одеше со помош на штаки по завршувањето на натпреварот.

„Тешко е да се каже, бев толку блиску до својот сон, да играм за Бразил на СП во Катар. Блиску е, но да видиме што ќе кажат лекарите. Проблем е што ме боли и додека одам…“, разочарано изјави Ришарлисон.

Се вчитува...