Оставката не е прифатена – Академија Пандев останува со ист тренер до крајот на сезоната

Ѓорѓе Стојчев ќе остане на кормилото на Академија Пандев до крајот на оваа натпреварувачка сезона, откако управата на струмичкиот клуб реши да ја одбие неговата оставка.

Како што веќе беше објавено во јавноста, Стојчев самиот си поднесе оставка по поразот од Скопје и ремито со Борец Велес, но струмичани му искажаа доверба со одлуката да го задржат на клупата и за наредниот период.

„На денешниот состанок на Управниот Одбор на клубот беше разгледена понудената оставка од страна на Шефот на стручниот штаб на сениорскиот тим – Ѓорге Стојчев. Сакаме да ја информираме јавноста дека понудената оставка НЕ Е ПРИФАТЕНА.Управниот Одбор, сите вработени, како и сите кои на било каков начин се поврзани со клубот целосно ја даваат поддршката на тренерот Ѓорге Стојчев, а убедени сме дека резултатската криза ќе се надмине веќе во наредните натпревари. Решението за назначување на Стојчев за тренер на сенирскиот тим не е случајно и го сметаме за најважна алка во градењето на тимот во иднина“, објави Академија Пандев.
Струмичкиот клуб моментно се наоѓа на делба на третото место со 49 бода, исто колку и Македонија ЃП, со тринаесет бода заостанување зад лидерот Шкупи. Академија Пандев во следното коло ќе го пречека Пелистер, одлична можност за враќање на победничи патеки.

Се вчитува...