Освојувачот на „Златен Гонг“ на прием во АМС

Младиот македонски боксер, Јасин Љама, по големиот успех и освојувањето на „Златниот гонг“, денеска беше примен од страна на директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски. Каевски му честиташе за големиот успех, и му посака одлични борби во иднина и учество на големите натпревари, како и на Олимписки Игри.

Љама, кој беше придружуван од раководството на Боксерската федерација на Македонија, се заблагодари за поддршката која ја добива од Агенцијата за млади и спорт и вети дека во иднина, ќе тренира максимално напорно и со уште позасилено темпо, за да ја израдува јавноста со учество и освојување на медал од големите натпреварувања.

Љама е 12-от боксер од Македонија што го освоил „Златниот гонг“. Во досегашна историја трофејот го освојувале и Аце Русевски (двапати), Џевад Асанов, Реџеп Реџеповски (двапати), Реџеп Јакупи, Седат Керимов, Мухамед Алија, Примислав Димовски (четири пати), Мумин Вели (трипати), Наси Хани, Фатлум Жута (двапати) и Гоце Јанески. Вкупно 14 боксери победувале од поранешна СФРЈ, шест од Русија, двајца од Бугарија и од Албанија и по еден од Србија и Црна Гора (СЦГ), Романија, Англија и од Косово.

Се вчитува...