Откажан Вашингтон, „висат“ Синсинати и УС Опен

Неизвесно е дали и кога ќе може да продолжи тениската сезона откако денеска беше официјално откажан турнирот што требаше да стартува на 13 август во Вашингтон. Токму ова натпреварување беше прво на ревидираниот календар на АТП, но новиот бран на заразени во САД придонесе организаторите да го откажат турнирот на дваесетина дена пред неговиот почеток.

Проблемите не застануваат овде, бидејќи пандемијата не покажува знаци на намалување во САД, што може да придонесе да бидат откажани и Мастерс-турнирот во Синсинати (стартот е закажан за 22 август), како и УС Опен, кој треба да стартува на 31 август.

„АТП и организаторите на турнирот во Вашингтон објавија дека ова натпреварување е откажано. Постојаната неизвесност околу развојот на ситуацијата придонесе да биде донесена ваква одлука. Во меѓувреме, продолжуваме да ги следиме настаните во САД поврзани со турнирите во Синсинати и во Њујорк“, соопштија од АТП.

Се вчитува...