„Ова не е нормално, може да одложите меч за коронавирус, не и за срцев удар на фудбалер“

Данскиот селектор Каспер Хјулманд продолжува со критиките на адреса на УЕФА откако оваа селекција мораше да го продолжи мечот против Финска само еден час по трагичниот настан кога Кристијан Ериксен колабираше на теренот на „Паркен“ во Копенхаген. Според Хјулманд, правилата на УЕФА за вакви случаи се тотално промашување и мора што поскоро да бидат променети.

Данците денеска продолжија со тренинзи во пресрет на дуелот од второто коло против Белгија, во обид да стигнат до првите бодови по неочекуваниот пораз од Финска.

„Она што се случи е јасен доказ дека правилата што се пропишани не се добри. Па не е нормално, ако некој има коронавирус, може да одложите натпревар за 48 часа, ако фудбалер има срцев удар на терен, не можете да го сторите тоа туку ќе мора да играте најдоцна на пладне идниот ден. Мислам дека она што ни го направија на нас беше погрешно, не дозволувајќи ни еден дополнителен ден да се опоравиме од шокот“, истакна Хјулманд.

Се вчитува...