Овој Пелистер е на атомски погон, демолиран и Работнички

Пелистер го продолжи неверојатниот старт на сезоната, стигнувајќи до шестата победа во низа, овојпат против фаворизираниот Работнички со преубедливи 81-105. И двата тима влегоа во овој меч без ниту еден пораз во Првата лига, но Мираковски и неговите избраници беа целосно надмудрени од гостите од Битола, кои играат феноменално под водство на Марјан Илиевски. Нападот вообичаено е заштитен знак на тимовите кои ги води овој стратег, доказ за тоа е што со денешниот триумф, Пелистер на пет од овие шест победи постигна над 100 поени.

Уште од самиот почеток стана јасно дека Работнички ќе има огромни проблеми, во првите шест минути „центарци“ постигнаа само пет поени (5-18), и тоа сите пет преку центарот Вашингтон. На спротивната страна Бојан Трајковски извонредно го почна мечот со 12 поени во првите шест минути, а македонскиот репрезентативец продолжи во ист ритам и до крајот на полувремето. Пелистер ја заврши првата четвртина со двојно повеќе поени од Работнички (17-34), избраниците на Илиевски продолжија со пеколно темпо до крајот на втората четвртина, со поените на Михајловски на одмор заминувајќи со преубедливи 36-59.

Битолчани делуваа во тотална контрола, предноста во голем дел од третата четвртина беше над 20 поени, но „центарци“ за момент покажаа знаци на живот погодувајќи три тројки во серија. Неколкуте офанзивни скокови во серија овозможија Питс да погоди за два и да намали на 58-74, но Чез Вилијамс ја запре серијата од 11-0 на домаќините со успешно положување, притоа изнудувајќи ја и четвртата лична грешка од Петар Николиќ.

Никола Малешевиќ одлична ја почна последната четвртина, разликата се врати над 20 поени. Битолчани не дозволија разликата посериозно да се намали, туку и дополнително ја зголемија, целосно го контролираа резултатот до самиот крај, триумфирајќи со конечни „плус 24“.

Бојан Трајковски одигра извонреден натпревар реализирајќи 26 поени, надополнети со девет скокови. Малешевиќ постигна 20, а Чез Вилијамс 16 поени за битолчани, додека кај Работнички најефикасен при катастрофалниот пораз беше Балмазовиќ со 32 поени.

Се вчитува...