Капитенот Горан Пандев преку порака на својот инстаграм-профил му се заблагодари на селекторот Игор Ангеловски за беспрекорната соработка што ја имаа во изминатите години. Пандев ја заврши репрезентативната кариера со настапот на ЕВРО 2020, а и Ангеловски потврди дека по завршувањето на европскиот шампионат го напушта кормилото на националниот тим.
Токму Ангеловски е најзаслужниот за камбекот на Пандев во репрезентацијата, откако веднаш по доаѓањето на чело на националната селекција овој стручњак успеа да го убеди најдобриот македонски фудбалер по неколкугодишна пауза повторно да го облече репрезентативниот дрес.
„Прв пат кога се сретнавме во вашите очи видов енергија, сигурност и голема желба да ја вратиш репрезентацијата во живот. Ги памтам твоите зборови кога ми рече дека ќе направите од репрезентацијата една голема фамилија и дека вашата цел е Македонија да се пласира на европско првенство. Сите овие години не беше лесно, имаше и многу препреки, но ти гордо ја чуваше нашата фамилија.
Шефе, благодарам е малку да ти кажам, Вие го сплотивте цел македонски народ, направивте да се сакаме како браќа во репрезентација и да гинеме еден за друг. Затоа, сакам да ти кажам дека вечно ќе останеш во моето срце“, напиша Горан Пандев во пораката селекторот Игор Ангеловски.
View this post on Instagram
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА