„Пандев дојде во Интер да му прави друштво на Стојков, а стана легенда…“

Горан Пандев мина дваесетина години по фудбалските терени низ Италија, каде ја игра последната сезона во кариерата во дресот на Џенова. Најголемиот успех Пандев го постигна носејќи го дресот на Интер, клубот со кој ја освои тројната круна, но што е уште поважно, клубот што на млади години го донесе „Гранде Пандев“ во Италија. Добро познато е дека заедно со Пандев од Беласица тогаш пристигна уште еден македонски напаѓач, Ацо Стојков, па двајцата македонски бисери заедно настапуваа во младинската екипа на Интер.

Нивниот соиграч од таа генерација на младинците на „нероаѕурите“, Матија Алтобели, во интервју за италијанските медиуми се присети на квалитетите на Пандев, кои уште пред дваесетина години биле најава дека Македонецот ќе има блескава кариера.

„Се најдовме на тренинг-камп со десетина странски фудбалери, меѓу нив и двајца Македонци, Горан Пандев и Ацо Стојков. Како што читавме во весниците, Интер се крстеше во овој вториот да стане врвен играч, а Пандев беше донесен за да му прави друштво. Сепак, по само два тренинзи сите бевме изненадени, Горан блескаше во секој момент, од технички аспект беше чудовиште на теренот. Тој и Обафеми Мартинс ни ја донесоа титулата во младинското првенство, уште тогаш беше јасно дека Пандев ќе стане легенда. Стојков требаше да биде посилниот, но тој не одигра ниту меч бидејќи се мачеше со повреди. Затоа пак Пандев се врати во Интер и беше дел од генерацијата што стигна до тројната круна. Тој е навистина фантастичен човек, секогаш скромен, мило ми е што можам да се пофалам дека имам играно во ист тим со Пандев“, изјави Алтобели.

Се вчитува...