Пандев Куп: Познати финалистите, следи битка за пехарите

Се поблизу е кулминацијата на возбудувањата на „Пандев куп“, по денешните возбудливи полуфинални пресметки кои ги дадоа имињата на финалистите. Познати се сите екипи кои утре ќе се борат за трофеи во различни возрасни конкуренции, откако и денеска како и во претходните денови можеше да се проследи одличен фудбал во кој младите играчи од различни земји покажаа бројни мајстории.

Во генерацијата родена до 2002 година Вардар одигра импресивно против Њу старс, славејќи со 3-0, но „црвено-црните“ во финалето ќе имаат тешка задача против Бенатул, откако оваа екипа во полуфиналето го совлада тимот на Академија Пандев со 4-0. Во „Б плејофот“ од оваа генерација Сесвете утре ќе ги одмери силите со тимот на Еуроспорт Куманово.

Во конкуренција на играчи од генерација 2003 година ќе проследиме српско финале, Реал Ниш го доби дуелот со Вардар со 1-0, а со идентичен резултат Јагодина славеше против Академија Пандев.

Организаторот Академија Пандев ќе игра во финалето во генерацијата 2004 по денешниот триумф над Сесвете од 1-0, а „пандевци“ за ривал ќе го имаат бугарски Ботев, кој во денешното полуфинале славеше над Национал.

Во „Б плејофот“ од истата генерација Победа ќе ги одмери силите со Реал Ниш.

Во најмладата генерација, играчи родени 2005 година, во „А плејофот“ битка за трофејот ќе водат Ботев Пловдив и Национал, додека во „Б плејофот“ ќе се сретнат Шкендија и Јагодина.

Претходно, возбудливи натпревари се одиграа и во рамките од третото коло, во кое убедливи победи славеа романски Бенатул против Буба Мара (4-0, генерација 2002), потоа Национал над Беласица со 5-1 (генерација 2003), а најимпресивно делуваше тимот на Ботев од Бугарија, кој во генерација 2004 го декласираше тимот на Спартак со преубедливи 10-1.

Утре е ден за финале и заокружување на овој беспрекорно организиран меѓународен турнир, извонредна можност за младите играчи да блеснат во вистинско светло.

Се вчитува...