Пандев: Повеќе сакав фудбал од девојки, пријател ме запозна со сегашната сопруга

Горан Пандев во интервју за клупската телевизија на Џенова говореше на најразлични теми, откривајќи и детали од детството. Македонскиот голгетер говореше за времето минато во Струмица на самите почетоци од кариерата, обелоденувајќи дека фудбалот отсекогаш бил негов приоритет.

„Мајка ми како секој родител сакаше да учам, да одам на училиште, но мене искрено тоа не ми се допаѓаше. Сакав само фудбал, да играм со другарите, бев толку залуден што не гледав по девојки, тоа не ме интересираше. Еден пријател ме запозна со Надица, сегашната сопруга со која имаме прекрасно семејство со три деца родени во Италија, Филипо во Милано, Ана во Неапол и Софија во Џенова“, истакнува Пандев.

Македонскиот ас во кариерата има постигнато бројни фантастични погодоци, а во ова интервју ги избра омилените три. Интересно, два од тие три Пандев ги има постигнато против најтрофејниот италијански клуб Јувентус.

„Според мене, најубави голови што сум ги постигнал се лоб ударот против Верона во дресот на Џенова, голот за Лацио против Јуве, кога ги минав Турам, Канаваро и го совладав Буфон и уште еден гол против Јуве, оној во дресот на Наполи“, вели големиот ас Горан Пандев.

Се вчитува...