„Пандевци“ пред тежок меч со Брегалница во битката за Европа, Работнички против Скопје за враќање на победите

Академија Пандев против Брегалница во Струмица, и Работнички со Скопје во скопската пресметка се првите два натпревари од 29. коло од Првата македонска фудбалска лига, како најава за празничната рунда натпревари.

По двете претходно квалитетни изданија, против Македонија ЃП и против Шкендија, во кои покажаа дека се рамноправни и со водечките тимови во лигата, Брегалница денеска гостува во Струмица водена од оптимистичко расположение.

„Жал ни е што не извлековме повеќе од претходните два натпревари, затоа што според играта заслуживме многу повеќе од ремија. Но, понекогаш е неопходна и среќата во фудбалот. Чувствуваме дека играме се подобри и дека може рамноправно да се надигруваме со секој противник. Па, така ќе биде и против Академија Пандев иако е јасно дека ќе биде тежок натпревар затоа што противникот се бори за европски излез. Но, ние се фокусираме на самите себе и сигурно посакуваме нов квалитетен натпревар и бодови“ – вели крилниот офанзивец на „сините“, Мартин Стојанов.

На дуелот на националната арена „Тодор Проески“, Работнички, по претходниот пораз од Македонија ЃП, сега посакува враќање на победите во скопската пресметка против тимот од Автокоманда. Веќе е се поизвесно дека Скопје ќе игра во баражот за опстанок, но јасно е дека секој натпревар е нов предизвик за момците на Љупчо Марковски.

ПРВА ЛИГА – 29. КОЛО (денеска, 16 ч.)

Струмица: АК. ПАНДЕВ – БРЕГАЛНИЦА

Скопје: РАБОТНИЧКИ – СКОПЈЕ

УТРЕ (16 ч.)

Скопје: ШКУПИ – РЕНОВА

Тетово: ШКЕНДИЈА – МАКЕДОНИЈА ЃП

Струга: СТРУГА ТЛ – ПЕЛИСТЕР

Кавадарци: ТИКВЕШ – БОРЕЦ

Се вчитува...